Македонската ракометна репрезентација обезбеди пласман на младинското Светско првенство, кое овој август ќе се одржи во Алжир. Избраниците на Илија Темелковски со две победи против Полска и Турција и едно реми против Португалија, успешно го завршија квалификацискиот турнир во Скопје. Визата за Алжир е обезбедена со големата победа во последниот дуел против Турција (39-19). На младите репрезентативци им беше потребно чудо, победа од 19 голови разлика против Турција, но покажаа зрелост, мотив и храброст да се надминат себе си и да обезбедат пласман на уште едно големо натпреварување, последно за оваа одлична генерација квалитетни ракометари.
Меѓу најзаслужните за пласманот на Светскиот шампионат е и голманското дуо Даниловски и Томовски. Младите чувари на мрежата се надополнуваа на голот на Македонија, имаа одличен турнир и се меѓу оние најсветли точки во македонскиот ракомет. Двајцата се врсници имаат по 19 години и потекнуваат од ракометната школа на Металург. Повозрасниот, Никола Даниловски сега настапува за битолски Пелистер, под тренерската палка на Касим Каменица. Тој за кратко се наврати на она што се случуваше во СРЦ „ Кале“ изминатите три дена.
Даниловски: Мислам дека премногу се потрошивме на првиот натпревар со Полска. Не очекувавме дека се со толку послаб квалитет од нас. Мислевме дека сме дале 100% од нашите можности, и бевме психички и физички истрошени. Затоа следеше едно такво слабо полувреме против Португалија, но на паузата се мотивиравме и во вториот дел успеавме да стигнеме пет голови разлика па дури и имавме два погодока предност, но ја испуштивме шансата.
Чуварот на мрежата на Пелистер, Никола Даниловски ја доби довербата на последниот дуел од квалификацискиот турнир, а натпреварот го заврши со 14 интервенции зад неговото име.
Даниловски: Кога го гледавме натпреварот меѓу Полска и Португалија мислевме дека е невозможно да се стигнат 19 голови разлика, без разлика на домашниот терен тоа сепак е тешка задача. Влеговме во соблекувалната, облековме дресови и ни се врати вербата дека можеме да направиме чудо. Се случувале чуда, Хрватска победи сред Полска пред 20 000 гледачи со 15 разлика, па зошто и ние не би можеле тоа да го направиме на домашен терен. Влезе селекторот, се виде дека и тој има доверба во нас, дека можеме да победиме со голема разлика, и тоа е тоа. Излеговме, „изгинавме“ и победивме.
Започна натпреварот меѓутоа Македонија срамежливо го градеше водството, а турските ракометари беа на два или три гола зад Македонија во почетните минути. Дури последните десет минути од првиот дел малку ја подотворија вратат кон мундијалот за македонската селекција, а второто полувреме ја испиша новата ракометна историја.
Даниловски: Советите од клупа беа да не форсираме, да не паѓаме психички. Дури и да биде три разлика на полувреме ние мораме да веруваме дека ќе одиме понатаму, да не форсираме, да не трчаме премногу, да не се истрошиме. На полувреме селекторот не советуваше дека треба да се продолжи со исто темпо, примивме многу голови 12 или 13 и во второто полувреме и моравме да ја зацврстивме одбраната, нападот продолжи со исто темпо па на крајот дојдовме до посакуваниот резултат.
Сега сите погледи за младите ракометни надежи се насочени кон Алжир…
Даниловски: Само да нè служи здравје, да сме комплетни бидејќи до сега не сме настапиле комплетни на ниту едно големо натпреварување. Сонот на оваа генерација беше да се пласираме на Светско првенство и успеавме во тоа.


