Македонската младинска репрезентација обезбеди пласман на Светското ракометно првенство во Алжир. По трет пат во историјата македонските младинци ќе имаат шанса да настапат на најголемиот ракометен собир. Билетот е обезбеден во Скопје, со две победи (Полска и Турција) и едно реми (Португалија).
Кога беше најпотребно избраниците на Иле Темелковски блеснаа и ја совладаа репрезентацијата на Турција со 39-19, еден гол повеќе од потребното за обезбедување на мундијалска виза. Македонија има нови ракометни таленти кои во иднина ќе го понесат товарот на сениорската репрезентација, а еден од нив е левото крило на Металург, Давор Палевски. По победата тој истакна дека се среќни што дел од оваа генерација ќе го завршат својот циклус со пласман на ново големо натпреварување, овојпат на еден светски шампионат.
Давор Палевски, младинска репрезентација на Македонија:
Ова е историја на македонскиот ракомет. Изигравме одличен натпревар во нападот игравме брзо, постигнавме онолку голови колку што ни беше потребно да отпатуваме за Алжир. Голем притисок беше да се ловат 19 разлика. Тие во првото полувреме одиграа добро, но одличната серијата во вториот дел ги реши сите дилеми.
Вчера одевме на победа против Португалија, но се случи тоа што се случи и сите мисли ни беа насочени кон овој натпревар. Го гледавме натпреварот меѓу Полска и Португалија и не очекувавме дека ќе победат со толкава разлика, но за среќа победивме со толкава разлика колу што беше потребно.
На квалификацискиот турнир, Палевски постигна вкупно 13 голови од кои 7 на последниот натпревар против Турција.


