Во рамките на квалификацискиот турнир од Светското младинско првенство кое ова лето ќе се одржи во Алжир во СРЦ „Кале“ младинската ракометна репрезентација на Македонија го одигра својот прв натпревар. Првиот предизвик за избраниците на Иле Темелковски беа репрезентативците на силната Полска. Македонија со победа од 22-30 го отвори првиот натпревар пред исполнетите трибини во Скопје.
Одличниот старт на натпреварот зачинет со три погодоци во низа до осмата минута ја загреаа атмосферата во „Кале“. Морњи во осмата минута го отвори резултатот за Полска, но тоа само за момент ја прекина низата на македонските младинци. Талески по несигурниот старт во 15та минута го постигна својот прв гол за високи 3-9. Разликата се одржуваше во текот на првиот дел, а до 22та минута дојдоа и до највисоките девет голови разлика (6-15). Предност која се одржуваше до крајот на првиот дел. Со истекот на последната минута полска го постигна последниот гол во првиот дел за конечни 8-16.

Во вториот дел Македонија рутинирано го приведе натпреварот кон посакуваниот крај. Сичко ја одржуваше негативата на својот тим од првиот дел. Иако селекторот Темелковски се обидуваше да ја одмори првата седморка и често играше без Талески и Нелоски, разликата постојано растеше, а во 58та минута достигна највисоките +9 (19-28). До крајот се задржа истата разлика а конечниот резултат гласеше 22-30.
Најпрецизен на натпреварот беше Мице Шилегов со 8 голови, по него Талески постигна 5, а Нелоски и Велковски го следеа со по 4 голови. Добар натпревар имаа и голманите на македонската репрезентација и вкупно забележаа 14 (Даниловски 8 и Томовски 6). Кај Полска најпрецизен беше Сичко со 8 голови.
Утре со почеток од 17:45 минути Македонија го игра решавачкиот дуел кој носи билет за СП во Алжир против екипата на Португалија.


