Европската ракометна федерација ја потврди одлуката на Судот на Ракометот и наложи исплата на казната од 24000 евра за турската ракометна федерација поради прекршување на одредбите од правилникот за организирање на меѓународни настани.
Имено, во рамките на квалификациите за Европското првенство за жени чиј домаќин беше Шведска, на 1 јуни 2016 година се одигра дуелот од групата 6 меѓу репрезентациите на Турција и Данска. Организатор на овој натпревар беше турскиот град Ризе, а казната на ЕХФ се однесува на направени пропусти со телевизискиот пренос. ЕХФ ја казнува турската ракометна федерација поради необезбедување на минимални услови за вршење на квалитетен телевизиски пренос. Тука се вкучени неколку параметри како недоволен број на камери за пренос, недостиг на опција за „забавена снимка“, несоодветна графика за време на натпреварот, како и лош звук на сигналот.
Казната е изречена на 26ти септември, меѓутоа турската федерација одлучи да ја обжали оваа одлука, а конечната пресуда од судот за жалби на ЕХФ пристигна на 3 јануари 2017. Како што стои во конечната одлука, турската федерација веќе била предупредена за истите овие неправилности, а казната која ја добиле спаѓа меѓу минималните казни одредени за вакви прекршоци.
Турската ракометна федерација ќе мора да плати половина од високата казна, а другата половина ќе биде изречена како условна суспензија со траење од две години.
Дополнително Турците ќе мора да издвојат уште 12500 евра како компензација за штетата која и е нанесена на ЕХФ поради лошиот квалитет на телевизискиот пренос.


