Македонија успешно го помина квалификацискиот турнир за младинското СП, а во останатите квалификациски групи од вчера започнаа првите натпревари за пласман на мундијалот во Алжир. Машката јуниорска репрезентација на Црна Гора требаше да ги одигра своите натпревари во Австрија, но поради доцнење е исклучена од квалификацискиот турнир за пласман на Светското првенство.
Црна Гора визата за младинското светско првенство требаше да ја бара преку Унгарија, Австрија и Чешка, но не стигна до Австрија поради снежните соспи и блокадата на патот Бар-Подгорица. Тие доцнеле на аеродромот во Подгорица и го испуштиле авионот за Виена.
“Навремено ја информиравме ЕХФ за состојбата и приложивме докази за причините за пропуштање на летот, а во истовреме баравме алтернативно решение за трансфер до Австрија. Менаџерот за натпреварувања во ЕХФ, Маркус Гласер, вчера ни даде писмена согласност за нашата селкција дополнително да се приклучи на квалификацискиот турнир“- се вели во соопштението на ракометниот сојуз на Црна Гора.
Сепак жалбите на националните федерации на Австрија и Унгарија биле клучни за промена на одлуката. Па според правилникот за натпреварувања Црна Гора морала да биде исклучена од овој турнир. За жал по напорниот и долг подготвителен период, младите репрезентативци на Црна Гора нема да имаат можност да ги покажат своите вештини и да го реализираат својот сон. За првото место во групата утре ќе се борат Унгарија и Чешка, кои покрај службената победа против Црна Гора ја совладаа и репрезентацијата на Австрија.


