Битолски Пелистер сериозно работи на враќање на старите и препознатливи патеки и времињата кога имаше екипа со која не само во Македонија, туку и надвор го претставуваше битолскиот ракомет. Следната цел на битолчани е да обезбедат место во СЕХА Газпром лигата. за тоа ќе треба да бидат најмалку втори во домашното првенство.
Сега веќе обезбедија место во плеј офот, но таму ќе треба да бидат конкурентни и на Вардар и на Металург. Во Пелистер веќе работат на засилувања, по можност да ги видат уште во јануари во салата „Младост“.
Ракометарот на Прилеп и грузиски репрезентативец Теимураз Орјоникидѕе е блиску до потпис со битолски Пелистер. Младиот Грузиец, кој на последното издание на ИХФ Трофеј за мали земји беше најдобар стрелец, одигра одлична полусезона во редовите на Прилеп, но таму финансиската ситуација не е сјајна, па веројатно битолчани ќе се обидат да го донесат уште во јануари, иако првично е речиси договорен неговиот трансфер за следната сезона.
За Грузискиот репрезентативец неофицијално заинтересираност имало и од Лино Червар, но за настап за Македонија. Но, бидејќи тој веќе има настапувано за Грузија, отпадна можноста за натурализирање.
Пелистер го очекува силен предизвик во Челинџ Купот, каде момците на Касим Каменица ќе се соочат со големиот фаворит Спортинг Лисабон, кој во своите редови има имиња како Божовиќ, Никчевиќ, Онето, а ги чека и борбата за домашните трофеи.
Сепак главната цел е да се биде стабилен клуб, и да се атакува на место во СЕХА лигата. Доколку битолскиот тим успешно ги заврши преговорите и за ангажманот на десниот бек од Вардар Јуниор, Ристо Вујачиќ, но и со евентуалното доаѓање во јануари на Орјоникидѕе би бил и повеќе од достоен ривал на Металург во борбата за вицешампионската позиција и пласманот во СЕХА Лигата.


