Група Ц
Франција 26-26 Исланд (12-14)
Французите добро го започнаа натпреварот и преку непогрешливиот Никола Карабатиќ (4 гола од 4 обиди) до 13 минута го одржуваа водството од два гола позитива, 6-4. Но Исланѓаните предводени од одличниот чувар на мрежата Густавсон, како и од својата прва ѕвезда Палмарсон (4 гола) успеаа комплетно да го свртат резултатот во своја полза и да дојдат до +3, 8-11 на пет минути до крајот на првиот дел. Французите се обидуваа да се вратат во игра и со првиот гол на Порте успеаа да стигнат на минимална негатива 12-13. Tочка на првото полувреме стави Петерсон за водство од 12-14 за популарните “рибари”.
Вториот дел понуди поголема возбуда, Исланѓаните за две минути игра го зголемија водството на плус четири, но две минути беа потребни за Франција да направи серија од 4-0 за прво израмнување на резултатот на 16-16. Петерсон беше ракометарот кој ги предводеше Исланѓаните во 40-та минута повторно да го достигнат највисокото водство од три разлика 18-21. По пет минути безидејна игра во нападот на Исланд, дуото на Барселона, Сорендо и Карабатиќ ја врати минималната разлика, а Нарцис го изедначи резултатот на 21-21.
Во последната четвртина од натпреварот Франција влезе со првата предност благодарение на Карабатиќ, а на пет минути до крај Франција поведе со два гола предност кои не беа доволни за победа. По одличните асистенции на Палмерсон, Гунарсон и Халгримсон ги поставија конечните 26-26.
Најпрецизни во редовите на Франција беа Никола Карабатиќ со 6 и Сидрик Сорендо со 5, кај Исланѓаните најдобри беа Палмарсон и Халгримсон со по 5 постигнати погодоци. Франција ја очекува репрезентацијата на Шведска во борбата за прво место, а од тој дуел на Швеѓаните им е доволен и бод. Исланд шансата да се пласира меѓу последните 16 ќе ја бара во наредните две кола.


