Талески трипати се запиша во листата на стрелците во триумфот од 32:24 на Македонија против Романија во првиот натпревар од баражот за СП.
Левиот бек истакнува дека во нападот имале доста нереализирани топки, избрзани напади кои не смееле да ги прават.
„Ќе одиме со убава гол-разлика на тој реванш меч и ќе треба да се спремиме уште подобро, затоа што ако одиграме натпревар со нереализирани топки, избрзани напади, грешки, на гости може да се случи чудо. Денеска сите гледаат видео записи, гледаат анализи, така што можат да ни ги најдат тие слаби точки кои што лошо можат да влијаат на нас. Треба да собереме сили овие три дена за реваншот и уште еднаш да покажеме дека можеме да играме добро и на гостувањата, не само дома и се надевам дека и таму ќе извојуваме победа и ќе славиме уште едно Светско првенство“, изјави македонскиот репрезентативец Филип Талески.
И покрај високата разлика, високиот бек на бундеслигашкиот клуб Рајн-Некар Левен смета Македонија не се покажала во своето најдобро светло.
„Не се покажавме во најдоброто светло, имаше и противникот многу грешки. Нашата игра не беше на тоа ниво кое што го знаеме и мислам дека овој резултат до некаде е заслужен, до некаде не е. Така што, ако нешто се случи, ако таму да не играме на нашето ниво, може да се направи некое изненадување“.
Талески е еден од плејадата помлади ракометари во репрезентацијата кои во блиска иднина очекуваме да биде еден од главните носители на играта, да го понесе товарот, иако првиот меч против Романците не се покажа така.
„Да, точно, мислам дека бевме понесени од атмосферата што ја имаше во оваа преполна сала и загубивме концентрација ние младите што во некои моменти кога требаше ние да повлечеме, ние се загубивме, имавме многу грешки. Јас и Кузмановски, ние двајца се најдовме на теренот, ќе треба да ја избистриме таа глава за реваншот и таму да го дадеме тој максимум што го знаеме ние и да одиграме еден одличен натпревар“.
Реваншот помеѓу Романија и Македонија е закажан за в среда во Клуж со почеток од 17:30 ч. по македонско време.


