Македонската машка сениорска ракометна репрезентација триумфираше на првиот натпревар од баражот за Светското првенство против Романија во „Борис Трајковски“ со резултат 32:24.
Кирил Лазаров беше најефикасен во нашите редови со осум постигнати голови, свесен дека е направен првиот чекор кон обезбедување на новиот Мундијал, но од друга страна сеуште не со целосна гаранција околу остварување на целта.
„Мислам да ни го понудеше некој овој резултат, сигурно ќе го прифатевме. Задоволни и среќни сме од прикажаното, но свесни сме дека можеме уште повеќе. Направивме повеќе почетнички грешки во текот на натпреварот. Не очекувавме да победиме со толку висока разлика, треба да се одмориме овие два дена и доколку планираме некој успех во иднина, треба да се однесуваме победнички, да се спремиме добро и да одиме на триумф во Романија, иако првата и основна цел е пласман на Светското првенство. Имаме солидна разлика, не примивме многу голови, вкупно 24, се надевам дека ќе реализираме повеќе од таа бројка на реваншот. Ќе направиме една добра анализа, очекувам младите да ни бидат додатна вредност и сила, секако очекуваме и од нив да придонесат и да очекуваме од нив поголеми и посериозни работи и ова треба да го сфатат како позитивна критика“.
Десниот бек додаде дека добро го познава селекторот на романската селекција, неговиот поранешен тренер од Барселона, Хавиер Пасквал се обиде со сите опции, односно тој ги извади сите адути во овие први 60. минути во Скопје.
„Ги проба сите варијанти, со „7 на 6“, зони 6-0 и 5-1, од наша страна додатно ќе анализираме, ќе си ги видиме грешките. На крајот треба да бидеме задоволни од победата, што се однесува до реваншот, секој натпревар си е посебен, никогаш не се знае во ракометот, и покрај тоа што имаме осум разлика предност. Не треба да мислиме многу на ваквата позитива, туку како да триумфираме и на возвратниот дуел“.


