Утревечер со почеток од 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се игра првиот натпревар од баражот за пласман на Светското првенство 2019 помеѓу Македонија и Романија.
Свој коментар кај противниците околу двомечот имаше и еден од највозрасните во романската репрезентација, 33-годишниот Михаил Попеску кој сезонава со францускиот клуб Ст. Рафаел беше дел од Ф4 турнирот во Купот на ЕХФ каде што беше прогласен и за најдобар голман.
„Во овој момент размислуваме само како да се квалификуваме на тоа СП, а не со мислата да загубиме помалку од 4-5 голови разлика. За мене ова ќе биде трет обид да се пласирам на еден Мундијал. Квалификациите за СП не се исти како оние во младинска конкуренција, многу е поразлично. Им посакувам на моите помлади репрезентативни колеги да видат и почуствуваат како е да се биде на едно Светско првенство кое што би можело да им ја крене нивната вредност. Има многу млади играчи и сакам да им го споделам моето искуство и разберат дека ова е нивната иднина“, рече голманот на романската репрезентација, Михаил Попеску.
Попеску кој воедно ја има и капитенската улога се надева дека во максимална форма ќе бидат неговите соиграчи за дуелите против најдобрите македонски ракометари.
„Се чувствуваме добро, се надеваме дека ќе успееме и бидеме максимално физички спремни на денот на натпреварите, бидејќи имаме повредени играчи. Воедно се надевам дека на реваншот во Клуж ќе имаме одлична атмосфера и дека ќе бидеме бодрени од своите навивачи во добрите, но и во лошите моменти“, вели Попеску.
Да потсетиме, возвратниот меч помеѓу Романија и Македонија е закажан за 13 јуни со почеток од 17:30 часот.


