Сениорската репрезентација на Македонија се подготвува за бараж двомечот против Романија за пласман на Светското првенство во 2019 година. Вчера националниот тим беше комплетиран со доаѓањето на интернационалците од Германија, Филип Миркуловски и Филип Талески па сега селекторот Раул Гонзалез ги има сите ракометари на располагање пред последна пречка за пласман на Мундијалот во Данска и Германија.
Ексклузивно ни говореше поранешниот македонски репрезентативец Лазо Мајнов кој своевремено настапуваше за романскиот клуб Одорхеи во периодот од 2013 до 2016 година. Тој го сподели своето досегашно искуство и знаење од своите настапи и ангажман во првенството на Романија.
„Во последните години Романија многу финансира во ракометот. Клупскиот ракомет од година во година сè повеќе расте и се појавуваат квалитетни ракометари, така што и романската репрезентација доби на квалитет и никако не треба да се потцени“, изјави за 24 Ракомет, Лазо Мајнов.
Воедно 38-годишниот десен бек ги истакнува моментно најсилните страни на Романците на кои што можеби треба да внимаваат нашите најдобри ракометари.
„Претежно настапуваат играчи од романската лига, но имаат и квалитетни интернационалци. Со доведување на Хавиер Пасквал добија квалитет во нападот, но одбраната и голманите им се најсилна карактеристика“.
Кога сме веќе кај нивните странски интернационалци, тука може да се истакнат голманот Попеску (Ст. Рафаел, Франција), плејмејкерот Чепреги (Кретеј, Франција), членовите на полската Висла, левиот бек Ракотеа и десното крило Гионеа, десниот бек Садовек од францускиот Трембле…
На хартија можеби нашата селекција ја има фаворитската улога, но од друга страна тоа треба да се покаже и докаже на терените во Скопје и Клуж.
„Според мене, мора со голем респект да се влезе во овој дуел, но сметам дека Македонија е фаворит и се надевам ќе го продолжи континуитетот на големите натпреварувања“, изјави поранешниот репрезентативец на Македонија, Лазо Мајнов за 24Ракомет.
Првиот меч помеѓу Македонија и Романија ќе се одигра в недела (10 јуни) со почеток од 20:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“, а реваншот е три дена подоцна на теренот на противникот.


