Од вчера машката сениорка репрезентација на Македонија почна со тренинзите за бараж натпреварите за СП 2019 против Романија. Селекторот Раул Гонзалез од денеска на располагање ги има сите ракометари, па може да го одработи сето она што го има замислено за пресметките в недела и в среда.
Во редовите на македонската репрезентација владее позитивна атмосфера, а желбата за ново докажување е на тренинзите во салата „Борис Трајковски“.
„Како и секоја година овој период имаме натпревари, дали станува збор за бараж за ЕП или СП, или за квалификации. Доволно сме искусни, знаеме што можеме да очекуваме, свесни каква репрезентација имаме пред нас. Можам да кажам дека селекцијата на Романија е во еден налет, гладна за успеси и со желба да се пласира на едно големо натпреварување. Вложуваат доста во нивниот ракомет, јас настапувам таму и гледам како се одвиваат горе-долу работите. Очекувам еден неизвесен двомеч, од наша страна ќе гледаме што подобро да се подготвиме. Не знам дали првиот натпревар што го играме дома би бил предност. Едни велат така, други дека претставува дефицит, наше е максимално да бидеме подготвени за првите 60 минути. Мораме да се обидеме да триумфираме на мечот во Скопје, а потоа ќе размислуваме за реваншот“, изјави десното репрезентативно крило на Македонија, Гоце Георгиевски за 24Ракомет.
Исто така, играчот на ЦСМ Букурешт е свесен дека и во Романија може да се направи добра атмосфера во текот на ракометните натпревари.
„Во Клуж има две сали, едната поголема со капацитет од 10.000, а другата нешто помала од 3000-4000 гледачи. Има дефинитивно голем интерес. Репрезентацијата главно своите мечеви ги игра во Клуж, па очекувам исто полна сала и добра атмосфера“, изјави Георгиевски за 24 Ракомет.
„Црвено-жолтите“ првиот дуел ќе го имаат во Скопје на 10 јуни од 20:45 часот, а три дена подоцна Романците ќе бидат домаќини во Клуж со почеток од 17:30 часот.


