Европската ракометна Федерација ги одреди термините за одигрување на мечевите од Ф4 турнирите во Лигата на шампиони во женска и машка конкуренција кои пак ќе се одржат во Будимпешта и Келн.
Како што веќе беше познато завршниот турнир во Лигата на шампионите кај дамите ќе се одржи на 12/13 мај во Будимпешта. Сега веќе се знае дека дуелите ќе почнат од 15:15 и од 18 часот. Истата саатница е и за натпреварите за пласман, па останува само Вардар да успее да го мине Митјиланд и да го почека терминот во кој ќе се бори за влез во финалето.
Машкиот завршен турнир е во Келн. Тој е предвиден за одигрување на 26 и 27 мај. Термините за одигрување на полуфиналните натпревари и финалето и мечот за 3. место се истите како и кај дамите. И во Келн средбите ќе почнуваат од 15:15 и 18:00 часот.
Титулата ја брани Вардар, кој в недела ќе го добие противникот за четврт-финалето, а тоа најверојатно ќе биде Кил кој пред реваншот против Пик Сегед има предност од седум гола од првиот меч од 29:22.


