Ракометaрките на Вардар го совладаа Крим со 32:31 во многу драматичен натпревар, со што дојдоа до победа со која ја заверија титулата во Регионалната лига.
Вардарки тргнаа лошо во средбата и од самиот старт имаа негатива од три погодоци. Гостинките од Словенија успешно ја одржуваа предноста и постојано беа во позитива од два до три гола разлика така што не дозволуваа „црвено-црните“ да се вратат во мечот и да успеат да стигнат до подобар резултат.
Очигледно дека и мотивот не беше на највисоко ниво и тоа влијаеше и на играта, па до одморот Крим беше составот кој ја диктираше играта и резултатот и имаше предност од 16:13 после првото полувреме.
Во вториот дел Вардар влезе поангажирано. Со мали промени во составот работите почнаа да се менуваат дури после 40. минута откако Крим поведе со четири гола разлика. Тука Вардар почна да го менува темпото и да ја топи негативата, па во 56. минута дојде првпат до нерешен резултат од 29:29.
Потоа конечно во 58. минута се дојде и до пресврт и до водство од 31:30 што воедно беше и најава за победа. Се играше неизвесно до крајот, а на седум секунди до крајот Пенезиќ донесе 32:31. За Крим остана време само да тргне од центарот, но ракометарките не видоа дека голот е празен. Упатениот удар заврши во блокот на Цвијиќ, па победата остана за Вардар, а со тоа и титулата во Регионалната лига и тоа на три средби до крајот.
Најефикасна ракометарка во гостинскиот тим беше Тјаса Станко со 11 гола, а покрај неа одличен натпревар одигра и Анета Бенко со 5 погодоци. Кај вардарки Андреа Пенезиќ и Андреа Лекиќ со осум односно пет погодоци беа најефикасни ракометарки.
ВАРДАР – КРИМ 32:31 (13:16)
Сала : СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 50. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Драган Начевски од Скопје.
ВАРДАР: Лејно, Суслина, Радичевиќ 3, Кликовац, Саздовска, Кузњецова 4, Бајрамоска, Лазовиќ 2, Пенезиќ 8, Чанаџија, Лакрабер 4, Хмирова, Цвијиќ 5, Лекиќ 5, Петровиќ, Ристовска.
Седмерци: 4/5, Исклучувања: 2 мин.
КРИМ: Маринчек, Бенко 5, Зримшек, Абина, Бегановиќ 2, Станко 11, Омореги, Зулиќ 2, Корен, Панџиќ, Грегорц, Цакалу 3, Амон 4, Передери 1.
Седмерци: 3/4, Исклучувања: –


