По двонеделна пауза, ракометарките на Вардар од утре ги почнуваат подготовките за пролетниот дел од сезоната, што ќе биде долг, напорен и тежок.
Македонскиот првак ќе се обиде конечно да стигне до финалето на лигата на шампионите, па ако може и да ја освои откако три сезони по ред е третопласиран на завршниот турнир.
Сега во прилог на остварување на целта оди податокот што во Главната фаза ќе пренесат седум бода, и се единствена екипа без пораз. Тренерот Давид Дејвис ќе ги има на располагање сите ракометарки, заедно со оние што настапија на последното ЕП во Шведска.
Од таму Камила Херем се враќа со златен медал, а Амандин Лејно и Александра Лакрабер освоија бронза.
Во главната фаза од ЛШ ривали на Вардар ќе бидат екипите на Будуќност, Мец и Турингер. Ќе се играат уште шест кол, и првите четири екипи ќе се пласираат во четвртфиналето.
Вардарки до петок ќе тренираат во Скопје, а потоа ги очекуваат и натпревари од првиот круг во Регионалната ВРХЛ лига. Македонските ракометарки во петок на пладне заминуваат за Подгорица, и веќе во сабота имаат дуел со Будуќност, а во недела се среќаваат со Крим.
Дуелот со Будуќност е закажан за в сабота 18,30 часот во Подгорица, а мечот во недела со Крим Меркатор се игра во 16 часот.
фото: zrkvardar.mk


