Фуксе Берлин скапо ја плати победата во Купот на ЕХФ против Ст. Рафаел, откако Марко Копљар ја повреди ахиловата тетива. Хрватскиот репрезентативец поради оваа повреда ќе биде надвор од терените до крајот на сезоната, а неговото место ќе го заземе Кристоф Рајски кој во моментот настапува како позајмен ракометар во второлигашот Тусем Есен.
Десниот бек на Фуксе Берлин се повреди во финишот на првиот дел на гостувањето во Франција против Ст. Рафаел на кој германците славеа со 34-25 и со една нога се наоѓаат во четвртфиналето од Купот на ЕХФ.
Извршниот директор на Фуксе, Боб Хенинг вели дека ова е голем удар за тимот од Берлин.
Повредата на Копљар доаѓа во крајно непријатен момент за нас. Во последниот период тој ја врати формата од пред неколку сезони и беше еден од клучните ракометари во нашиот тим. Мора да му се изврши хируршка интервенција и се надеваме на што побрзо враќање на ракометните терени“.
Фуксе Берлин по 25 кола во Бундес Лигата се наоѓаат на третата позиција со само 2 бода заостанување зад лидерот Рајн Некар, а следнот меч го играат на гостински терен против Штутгарт.


