По неочекуваниот расплет на селекторувањето на Жељко Бабиќ, започнаа пресметките, информациите и дезинформациите околу евентуалниот нов кандидат за жешкото селекторско столче на некогаш моќната машка сениорска репрезентација на Хрватска. Хрватската јавност, медиумите и низа признати експерти не беа задоволни од резултатите кои ги постигна нивниот најсилен колектив, а незадоволството се сервираше пред очите на ракометната јавност. Чашата ја прелеја интервјуто на претседателот на хрватскиот ракометен сојуз, Томислав Граховац дадено за угледниот весник „Спортске новости“, по што одговори Бабиќ и со проштално писмо ја најави својата разделба од хрватскиот национален колектив.
Сагата за Бабиќ е завршена, но второто продолжение штотуку започна за Хрватскиот ракометен сојуз. Во потрага по (старо) нов селектор понуди пристугнуваат од сите страни. Едно се желбите на хрватските тренери, а друго изборот на челниците на хрватскиот ракомет.
Според хрватските медиуми постојат три групи на посакувани кандидати за испразнетото место во репрезентацијата. Најчесто споменуваното име е она на Веселин Вујовиќ, тренерот на ППД Загреб, но и актуелен селектор на Словенија, што би претставувало најголем проблем во преговорите. Освен Вујовиќ се почесто се споменува уште еден тренер-великан, селекторот на македонската ракометна репрезентација Лино Червар, кој има договор со РФМ од најмалку две години. Сепак делегацијата на Хрватскиот ракометен сојуз не се откажува од овие две имиња и во наредниот период ќе ги посети потенцијалните кандиндати за да ги слушне нивните желби и размислувања.
Меѓу оние „неврзаните“ потенцијални селектори се споменуваат уште две големи тренерски имиња. Поранешниот селектор на Грција и Швајцарија, Горан Перковац долги години гради интернационална кариера во Германија, Швајцарија и Грција, тој беше најсериозниот кандидат за превземање на селекторската фотелја од Славко Голужа, но извиси откако тогашниот координатор на репрезентацијата Ивано Балиќ застана зад кандидатурата на Жељко Бабиќ. За легендарниот Звонимир Нока Сердарушиќ веќе сè е кажано, тој е актуелен тренер на ПСЖ, но во повеќе наврати истакнал дека е тука да и помогне на Хрватска во секое време, а можеби времето за тоа конечно дојде…
Последната група ја предводи уште еден македонски селектор, тренерот на Шамбери Ивица Обрван, неговото искуство и препораките од неговите колеги можеби се добра подлога за нов селекторски предизвик. Освен Обрван, во оваа група се досегашниот помошник на Бабиќ Петар Метличиќ, Нено Кљаиќ, Ирфан Смајлагиќ…
Нè очекува бурен ракометен период, а до конечната одлука на хрватскиот ракометен сојуз останува да претпоставувавме во кој правец ќе се движи одлуката на Хрватите и дали воопшто тоа ќе влијае на македонскиот национален тим.


