Хрватската ракометна репрезентација на неполни пет месеци до почетокот на Светското првенство остана без својот кормилар. По неочекуваниот пораз од Полска на Олимписките игри, Жељко Бабиќ беше едно од најспоменуваните имиња како директен кривец за состојбата на хрватската национална селекција. Своите ставови не ги криеја ниту легендите на балканскиот ракомет, а ниту оние најинволвираните, стручниот штаб и управниот одбор на хрватскиот сојуз. Кога прашината полека започна да стивнува, Бабиќ со свое последно обраќање од селекторската фотелја повторно внесе бура реакции околу иднината на хрватскиот ракомет.
“Уште од самото пристигнување на местото селектор на хрватската ракометна репрезентација почуствував голема недоверба и сомневање во моите способности. Се анализираше секоја моја одлука и се проверуваше секоја проценка дури и од луѓе кои не се компетентни за тоа.
Во таква нелагодна атмосфера и опкружување почуствував дека не можам квалитетно да придонесам во остварување на сопствените идеи и заедничките цели. Создадена е лоша клима и конфузија околу вистинските цели (еден медал во четиригодишен циклус и златен медал на Европското првенство во Хрватска 2018.)
Дури и по огромниот успех и освојувањето на бронзениот медал на ЕП во Полска 2016, сомневањата продолжија, а размислувањето на челниците на сојузот прераснаа во јавно омаловажување кон мене и моите способности.
Заради таквите односи и очигледно моите лоши тренерски компетенции, се чувствувам лошо, да не кажам предаден и во таквото опкружување и состојба која владее, а во интерес на сите нас и постигнувањето на повисоки цели (злато), поднесувам неотповиклива оставка на место селектор на машката сениорска репрезентација.
Им благодарам на сите за соработката и поддршката, условите за работа, а пред сè на играчите, стручниот штаб и лекарите како и на сите кои не пратеа на натпрварите и подготовките.
Во оваа прилика се извинувам доколку некого сум го повредил на било каков начин.“- заклучи Бабиќ и отвори милион прашања за насоката по која ќе се движи хрватскиот репрезентативен ракомет.


