Романија се вмешува во борба за 5-то место на ЕП: Полјачките останаа на 0 бодови!

Во натпревар за подобар пласман на првенството Романија ја совлада репрезентацијата на Полска и се вклучи во борба за петото место на првенството. Во натпревар без резултатски императив за полските ракометарки кои остануваат најслабо рангирана репрезентација во Група 1, Романија со концентриарна игра и голема мотивација успешно ја завршија својата задача во последниот натпревар од групната фаза, сега им останува да се надеваат на пораз на  Шпанија и Унгарија за да се натпреваруваат за високото петто место.

Група 1 (Унгарија, Дебрецен) 

ПОЛСКА 19-24 РОМАНИЈА (9-11)

Во натпревар во кој доминираа голманите на двете репрезентации, со рутинирана игра и концентрирана одбрана, ракометарките на Романија предводени од одличната Неагу ја совладаа репрезентацијата на Полска за да се вмешаат во трката за петтата позиција на првенството.

Неагу и Брадеану го најавија конечниот исход на натпреварот и по 5 минути игра водството на Романија изнесуваше 0-5. Полските ракометарки до 12-та минута го намалија резултатот на 3-5, но тоа беше се што можеа да направат. Расположената ракометарка на црногоскиот шампион Будуќност, Неагу постигна седум голови за 30 минути и постојано ја одржуваше предноста на 3-4 голови. Од 25-та минута, Кудлач со два погодока во низа ја доближи Полска на само еден гол заостаток 9-10, но Романија го постигна последниот гол по истекот на 30-те минути, преку Неагу која беше прецизна од линијата за 7-метри за конечни 9-11.

Вториот дел, на изненадување на романските навивачи,  Полјачките  го отворија со серија од 3-0 за превземање на водството 12-11 во 34-та минута. Но одговорот стигна бргу, романските ракометарки возвратија со своја 3-0 серија за враќање на водството од полувремето, 12-14. Разликата полските репрезентативки ја одржуваа до 45-та минута, кога Чипер, Неагу и Елисеј го вратија највисокото водство на натпреварот за Романија, 15-20. Полските ракометарки се обидуваа да се вратат во натпреварот, но успешните интервенции на Високинска и успешните реализации на Кинга Биздра не беа доволни за посериозно да го загрозат водството на Романките. Во последните три минути романските ракометарки имаа пет голови предност, 18-23, која ја задржаа до крај на натпреварот за конечни 19-24.

Најпрецизна на натпреварот беше Неагу со 9 постигнати погодоци (4 од пенал), а Унгуреану имаше 18 интервенции и блескаше на голот на Романија.Во редовите на Полска, Високинска имаше 14 успешни интервенции, а пет ракометарки постигнаа по 3 погодоци.

Најкорисен играч на натпреварот:

ПОЛСКА:Анна Високинска

РОМАНИЈА: Паула Унгуреану