Вардар тргна сигурно на Супер Глоуб, има плус пет на одмор против Ал Мудар

Вардарци одиграа добро прво полувреме и после 30 минути имаа предност од 17:12 против тимот на Ал Мудар од Саудиска Арабија. Шампионот на Европа имаше променлива игра, но и во еден таков ритам е подобар од својот ривал и тука во второто полувреме е прашање на разликата со која ќе се отиде на дуел со Кил во полуфиналето.

Почетокот на средбата мина со неколку грешки на двете страни. До 6. минута резултатот беше 1:1, а во овие моменти голманите беа на сцена и на двете страни. Кугис покажа дека е одлично засилување за Вардар и од стартот успеа да симне неколку зицери на противниците. Беше прашање на време кога почетниот грч ќе донесе шанса за предност поголема од еден гол, а тоа дојде во 13. минута кога резултатот беше 7:4.

Тренерот на противникот на Вардар мораше да бара тајм-аут за да ја прекине серијата на „црвено-црните“. Успеа за момент бидејќи Ал Мудар намали на гол негатива, но потоа одново Кугис одбрани неколку зицери, па трите гола позитива брзо беа вратени.

После 21 минута игра вардарци имаа 11:8. Првпат плус четири шампионите на Македонија и на Европа има во 23. минута кога поведоа со 12:8. Во следните минути беше обезбедено и водство од 14:9, но потоа следуваа два гола на противникот со кои беше намалена оваа предност.

Најефикасен во првото полувреме беше Чупиќ со четири гола, додека Дисингер имаше три гола. Голманот Кугис забележа девет интервенции.