Македонија в недела од 20:30 часот ја пречекува селекцијата на Романија во првиот дуел од баражот за Светското првенство во Данска и во Германија. Во Скопје доаѓа незгоден противник кој во квалификациите за последното Европско првенство се наоѓаше во група со Белорусија, Србија и Полска и заврши на 3. позиција.
Во тие квалификации Романците остварија победи против Белорусија и Полска. Во меѓувреме, во квалификациите за баражот за СП стигнаа до победи против Италија (34:24) и Фарски Острови (28:20), а изборија реми со Украина (26:26).
Нашиот репрезентативен голман Златко Даскалоски следната сезона ќе игра во тимот на Стразбур од Франција, но одлично ги познава Романците бидејќи досега играше за тимот на Темишвар.
„Ракометот во Романија во последниве години е во голема експанзија, очекувањата од нив се да се пласираат на едно големо натпреварување, а шансата за тоа сигурно ќе ја гледаат против нас. Имаат подмладена репрезентација со неколку искусни репрезентативци и одличен селектор, Чави Пасквал. Ќе биде тешко, особено што вториот натпревар ќе го играме на нивни терен, а тоа сигурно ќе биде пред полни трибини, затоа што Романците го сакаат ракометот. За ова четиригодишно искуство во Романија мислам дека имаме противник кој не е за занемарување и никако не смееме да го потцениме“, изјави голманот на репрезентацијата на Македонија, Златко Даскалоски за 24Ракомет.
Македонската репрезентација досега има учествувано на вкупно 5 Светски Првенства (1999, 2009, 2013, 2015 и 2017), а најдобриот пласман го оствари во Катар во 2015 година кога го освои 9-то место.


