Македонската сениорска репрезентација наскоро ќе го започне бараж двомечот за пласман на Светското Првенство 2019 против селекцијата на Романија.
Како што информираат од РФМ, интересот на јавноста за овој натпревар е голем, така што на четири дена до почетокот на првиот меч во СЦ „Борис Трајковски“ (10.06.2018) од 20:30 часот, во продажба се останати уште мал број на влезници.
Без сомнение и овојпат се најавуваат полни трибини и максимална поддршка за нашите репрезентативци предводени од Раул Гонзалез кои посакуваат што е можно повисока победа пред реваншот што на 13 јуни ќе се игра во Клуж.
„Им препорачуваме на сите љубители на ракометот и на сите кои сакаат да им дадат поддршка на нашите репрезентативци да стигнат до посакуваната цел, навреме да набават влезници за натпреварот“, пренесуваат од Ракометната федерација на Македонија.
Влезниците се продаваат на сите продажни места на МК Тикетс низ државата, по цени од 100 денари (долни трибини – партер) и 200 денари (горни трибини). Влезниците може да се резервираат и online на интернет страницата на МК Тикетс.


