Еден од репрезентативците на Македонија кои се наоѓаат во поширокиот список кај селекторот Парондо за настапот на Медитеранските Игри, Никола Костески работи заедно со колегите во обид да се избори за место во националниот состав за пат во Тарагона.
Тој веќе го реши својот статус за следната сезона со тимот на Селкаспор Ескишехир со кој го продолжи договорот на уште една година.
„Задоволен сум од целата сезона, на сите натпревари го давав максимумот и бев интересен за нашите навивачи. Најважно беше да бидам прифатен од публиката, управата и другите во тимот и тоа ми се оствари. Екипите во Турција имаат добар квалитет, има многу странски играчи во сите екипи, па секој меч на гостувањата е тежок“, изјави десното крило Никола Костески за 24Ракомет.
Воедно нашиот ракометар говореше и за самите планови, амбиции кои ги има неговата екипа следната натпреварувачка сезона.
„Да, нашиот клуб воедно има и добри планови. Обезбедивме настап во Европа, тоа беше нашата цел. Во новата сезона сакаме да го освоиме Купот на Турција и да направиме добар пласман во Купот на ЕХФ“, коментираше Костески во изјавата за 24 Ракомет.
Доколку биде дел од тимот кој ќе патува за Тарагона, тогаш Костески заедно со колегите првиот меч ќе го има на 23 јуни против репрезентацијата на Турција.


