Еден од интернaционалците кои се дел од медитеранската селекција на Македонија, Дарко Димитриевски и понатаму е член на екипата на Хапоел Ашдод од Израел, но постои голема веројатност да ја смени клупската средина.
Во моментов тој е во размислување околу тоа каде ќе ја продолжи кариерата, а многу повеќе би можело да се знае после игрите во Тарагона.
„После тешката сезона во Металург, екипата на Хапоел Ашдод беше опција да се спасам едноставно од онаа криза што се случуваше во Автокоманда. Во Израел поминав убаво. Не знаев каде одам, но со тек на време видов дека е супер. Лигата е коректна, животот таму е убав. Во преговори сум за следната сезона, ќе видиме дали ќе продолжам со истиот клуб, но воедно и во преговори сум со други тимови“, изјави за 24 Ракомет, Дарко Димитриевски.
Тој е дел од подготовките на репрезентацијата за Медитеранските игри и работи заедно со другите колеги во СЦ „Борис Трајковски“. Ќе се обиде да се наметне и да обезбеди место во националниот состав, па ќе има максимално работен период.
„Како за мене, така и за другите играчи овие натпревари на Медитеранските игри ќе значат многу. Имаме шанса да се наметнеме во првиот тим, да покажеме што знаеме. Оваа недела ни преостанува максимално да тренираме, се надеваме дека ќе одиграме како што треба и секако сите ќе се обидеме да извлечеме поволен резултат од Тарагона“, рече Дарко Димитриевски во својата изјава за 24Ракомет.
Првиот меч нашите репрезентативци на Медитеранските Игри ќе го одиграат на 23 јуни против селекцијата на Турција.


