Избраниците на селекторот Парондо стартуваа со подготовките за настапот на Медитеранските игри кои од 22 јунии до 1 јули ќе се одржат во Шпанија во Тарагона.
Станува збор за комбиниран состав од сениорски и младински репрезентативци, како и неколкумина помлади ракометари на кои стручниот штаб на нашата селекција ќе смета при креирање во сениорската репрезентација во иднина.
„Атмосферата е одлична. Веќе е крај на сезоната и сите сме физички подготвени. Сите добро се познаваме бидејќо сме дел од домашното првенство. Да се игра на Медитерански игри е секако мотив плус за секого, но ќе одиме од натпревар во натпревар“, изјави ракометарот на Пролет, Ласко Андоновски за 24Ракомет.
Ракометарите се наоѓаат во група со репрезентациите на Турција, Египет и Србија, па Андоновски даде и свој коментар околу противниците.
„Со оглед на тоа што имаме добар стручен штаб предводен од Парондо, ќе се обидеме секако да извлечеме добар резултат во нашата група. Искрено не ги познаваме претставниците на Африка, додека Србите имале секогаш добра школа, но сметам дека ако пристапиме со нашата игра, можеме да веруваме во успех“, рече Андоновски за 24 Ракомет.
Нашата машка репрезентација Игрите во Тарагона ќе ги отвори на 23 јуни со натпревар против Турција, ден подоцна ќе играме со Египет, а во групната фаза ќе се сретнеме и со селекцијата на Србија. Во периодот од 27 јуни до 1 јули ќе се играат завршните фази од турнирот.


