Чувајќи ги силите за реваншот против Барселона ракометарите на Монпеље претрпеа пораз во последното коло во најсилната лига во Франција и останаа пократки за два бода. На тој начин му овозможија на ПСЖ да ја намали негативата и да се врати во битката за титулата.
ПСЖ го совлада Иври од 31:24 и сега е на само два бода зад лидерот Монпеље, кој, пак, беше поразен на домашен паркет од Аикс со 22:23.
Кобен за Монпеље вчера беше Сергеј Онуфриенко кој со фантастичен гол во последните моменти од мечот им донесе победа на Аикс кој сезонава игра над сите очекувања. За лидерот во Франција ова беше втор пораз во последните четири натпревари, откако претходно го загубија дербито против ПСЖ.
За разлика од нив, ПСЖ и без Карабатиќ и Сагосен влегува во препознатливиот ритам, а последна жртва им беше Иври. Актуелниот шампион на Франција 25 минути се обидуваше да го скрши отпорот на Иври за во финишот од првиот дел светците со серија од 3:0 заминаа на пауза со резултат 18:15. Во вториот дел ПСЖ предводен од Недим Ремили кој постигна осум погодоци само ја потврди победата за конечни 31:24.
До крајот на Францускиот шампионат преостануваат уште седум кола, а епилогот од вчерашните резултати додатно ја вжешти ситуацијата на врвот од табелата.


