Кил против Пик Сегед вечерва ќе ја отворат осминафиналната фаза од Лигата на Шампиони. Ова е своевидно дерби во оваа фаза од шампионската лига, а интересно е тоа што подобриот од овој двомеч во четврфиналето ќе игра против Вардар. На двете екипи оваа сезона не му цветаат рози што дополнително го прави овој дуел интересен.
Кил сезонава е далеку од нивото од претходните сезони, а групната фаза ја завршија како четврти во конкуренција на Псж, Веспрем, Кјелце, Мешков Брест, Фленсбург, Целје и Алборг. Германците причина за лошите резултати гледаат во лошата сезона на нивниот најдобар играч Домагој Дувњак кој се мачи со повреди. Во Бундес Лигата по 25 кола се наоѓаат на шестата позиција со огрмно заостанување зад лидерот Рај-Некар Левен, а доколку сакаат да играат наредната сезона во Лигата на Шампиони оваа сезона ќе мора да се искачат на европскиот трон.
Пик Сегед во конкуренцијата А заврши на петтото место зад Вардар, Барселона, Нант и Рај-Некар. Во Унгарското првенство се наоѓаат на втората позиција зад Веспрем, а како што најавуваат од таборот на Сегед на вечерашното гостување во Германија ќе одат на победа во пресрет на реванш дуелот кој ќе го играат на домашен терен.
На последните пет пресметки помеѓу овие два тима како победник секогаш излегувал домаќинот, а дали тоа ќе се промени вечерва останува да видеме.


