Во пресрет на првиот полуфинален дуел на Светското првенство, сите очи се вперени кон Париз. Градот на светлината во наредните три дена ќе биде епицентарот на сите ракометни случувања. Франција ќе ја има честа да ја отвори полуфиналната програма против Словенија, а свое мислење за овој прв натпревар даде и легендата на францускиот ракомет, а сега стручен коментатор за француската телевизија Оливие Жиру.
„Мислам дека двeте репрезентации се познаваат многу добро. Многу словенечки ракометари играат во францускиот шампионат, па според тоа треба да биде пријателски натпревар, но само поради тоа што ракометарите добро се познаваат меѓусебно. На теренот ќе биде поразлично, шансата за францускиот состав ќе биде недостигот од агресивност во одбраната на Словенија.“
Поранешниот француски репрезентативец од крилните позиции секогаш преставуваше опасност за противниците. Во своите 231 настап за националниот дрес постигнал 539 голови, а како капитен на Франција се пензионираше со освојување на Олимписките игри во Пекинг. Колку верува во националниот тим сега и за тоа како може да стигнат до финале вели:
„Ќе биде тешко за Франција, но ќе одлучува одбраната бидејќи тоа е одлика на националниот тим. Доколку обраната биде на ниво каква што беше во четвртфиналето ќе играме финале, но доколку не биде така, ќе имаме проблем. Словенечкиот тим е многу моќен со добра техника. Имаат добри ракометари како Доленец, не смееме да му дозволиме да има простор, бидејќи кога тој игра добро тогаш и целиот тим на Словенија игра добро.
Жиру, како стручен коментатор за официјалниот носител на ТВ правата, БЕИН спорт го следеше секој настап на репрезентацијата на Франција, затоа може накратко да ги сумира своите впечатоци од досега прикажаното.
„Она што на почетокот не можеше да се предвиди e нивото на кое ќе игра францускиот тим. Знаеме дека имаме многу добри ракометари, имаме искусни но и неколку млади чие време допрва доаѓаат. Најважно беше да видиме како тие ќе се вклопат заедно. Сега можеме да кажеме дека Франција има тим за иднината, барем за наредните 4-5 години. Во наредните неколку години ќе пристигнат уште неколку млади таленти. Овој тим на Франција е импресивен, бидејќи колку повеќе натпревари играат толку се подобри исто така она што е најважно е одбраната, а одбраната е далеку подобра ако споредуваме со настапите на Олимписките Игри во Рио.“
Следниот противник на Франција доаѓа како изненадување на турнирот, некогашното лево крило на Франција предупредува дека тие се навистина добра репрезентација, особено кога играат под притисок.
„Словенија е големо изненадување на овој турнир. Јас го гледав првиот меч против Ангола, тоа беше лесен натпревар, но го гледав и оној со Шпанија, па помислив дека не е можно да стигнат до тука. Морате да бидете внимателни со овој тим и доколку бидат потценети, можат да бидат многу опасни. Тие покажаа дека можат да играат под притисок.
За крај од разговорот со легендарниот Оливие Жиру, французинот даде свој коментар и желба за финалето на 25-то Светско ракометно првенство.
„Јас би сакал во финалето да ги видам Франција и Хрватска. Затоа што ние велиме Хрватска е најлошиот пријател или најдобриот непријател на Франција. Тоа се два тима кои значат многу во светскиот ракомет и мислам дека сите што сакаат ракомет би сакале да ги видат овие две репрезентации во мечот за титула и тоа би било одлично финале. Знам дека Хрватите го сакаат ракометот и сигурно многумина ќе дојдат во Франција да навиваат за својата земја. Мислам дека тоа би донело одличен публицитет за мундијалот.
Натпреварот меѓу Словенија и Франција на програмата е вечерва со почеток од 21:00.
Од Париз,
Агрон Хајредин


