Битолчани го завршија турнирот со победа над Бутел

Пелистер го доби македонското дерби на Меморијалниот турнир „Боро Чурлевски“ со 32:27 откако водеше во текот на сите 60 минути и во ниту еден момент не дозволи да има проблеми околу прашањето за победникот.

Уште на стартот се виде дека тренерите нема да форсираат игра со првите постави и дека ќе комбинираат. Таквата игра отвори простор за битолчани кои знаеја како да казнат неколку грешки на противникот уште на стартот и знаеја како да се изборат за предност.

Разликата растеш брзо и до крајот на првиот дел стана осум гола, па на одмор се змаина со 17:9. Водството гарантираше сигурност и можност во вториот дел да се стигне до победа.

Немаше големо форсирање ниту во вторите 30 минути и со мирна игра се одеше кон крајот од натпреварот. Пелистер беше во постојана предност и не дозволуваше да дојде до поголемо приближување од страна на Бутел. Ракометарите од Скопје успеаја во финишот да дојдат до негатива од четири гола, но тоа не беше доволно за нешто повеќе, па мораа да се помират со пораз.

На крајот од средбата победата за Пелистер беше обезбедена со 32:27, па тоа им го донесе 5. место на битолчани на првиот Меморијален турнир „Боро Чурлевски“.