Хрватскиот репрезентативец и член на Веспрем, Мануел Штрлек, кој минутажата ја дели со Дејан Манасков на левата крилна позиција има неверојатна серија од 13 титули шампион на земјите во кои настапувал.
Првата титула шампион на Хрватска ја освои со Загреб уште во 2007 година, а потоа стигна до уште пет трофеи со истиот тим. Во сезоната 2012/13 година тој се пресели во полското првенство, во составот на Келце каде што ја продолжи низата. За поминатите шест години тој успеваше да ги освои шампионските наслови во сите години од 2013 до 2018 година со што придодаде уште шест на своето конто.
Од сезоната 2018/19 тој настапува во Веспрем каде што ја продолжува неверојатната серија секоја година да освојува трофеј во првенствата. Овој пат со својот состав беше подобар во двомечот со ПИК Сегед.
По шестте триумфи во хрватското и полското првенство, сезонава го придодаде и насловот од унгарското првенство за да собере вкупно 13 титули по ред. Штрлек за Хрватска има одиграно 160 натпревари и постигнато 558 гола. Исто така се има закитено со одличја од Светско и Европско првенство.


