Екипата на Нант каде настапува нашиот капитен Кирил Лазаров доживеа болен пораз во рамки на 22. коло од најсилната лига на Франција. На свој терен, тимот предводен од Тјери Анти загуби од одличниот сезонава Ним со 33:36.
Лазаров имаше солидна партија, но тоа не беше доволно. Постигна три гола и додаде три асистенции, но не можеше да донесе победа на својот тим кој покажува слабости во завршницата од сезоната. Дуелот го обележаа голем број на голови и постојани промени во водство како на едната така и на другата страна.
Ним почна подобро, но Нант брзо се врати и израмни. Подоцна стигна и до предност која постепено растеше со што првиот дел го доби со 19:15. Второто полувреме покажа дека една екипа не треба прерано да се радува ако има солидна предност на полувреме. Речиси дваесетина минути, Нант ја одржуваше предноста, но не успеа да се снајде до крај и падна под притисокот создаден од гостите.
Тие го почувствуваа падот кај играчите на Нант, а средбата ја добија практично во последните пет минути. Беше 31:31, а следниот гол го постигна Ним, но и тој после него за два гола предност која до крајот се претвори во три и голема победа за амбициозниот гостин.
Со оваа победа, Ним се доближи на бод до второпласираниот Нант и третопласираниот Монпелје, и сега има шанси за влез во Лигата на шампионите. Пред Кирил Лазаров и соиграчите е голем товар. Доколку сакаат сакаат и следната сезона да бидат дел од големата дружина не смеат да си дозволат кикс во последните четири кола од сезоната.


