На завршниот турнир во Лигата на шампионите на 1 и 2 јуни се пласираа тимовите на Вардар, Барселона, Веспрем и Келце. Тоа се четири екипи кои сезонава играа во Групата А така што на крајот успеаја и да дојдат до место во завршницата.
Тренерските позиции ги заземаат четворица Шпанци. Роберто Гарсија Парондо (Вардар), Чави Пасквал (Барселона), Давид Дејвис (Веспрем) и Талант Душебаев (Келце).
Двајца од нив се ученици на Раул Гонзалес, тренерот кој ја донесе круната на Вардар во 2017 година. Тој не успеа да се пласира со неговиот нов тим ПСЖ, но затоа оние кои учеа од него во минатите неколку години успеаја да стигнат до завршницата.
Асистентот на Раул, Давид Дејвис со Веспрем забележа две победи против Флензбург и во саботата стана прв тренер кој со машки и женски тим се пласирал на Ф4 турнирот во ЛШ.
Вчера истото го направи и наследникот на Раул, Роберто Гарсија Парондо. Со него соработуваа во репрезентацијата на Македонија, а се виде дека одлично ја научил лекцијата.
Добрите ученици се покажаа во текот на целата сезона и одработија одлично така што на крајот стигнаа до финишот. Сепак, овој пат нивниот учител нема да биде до нив ниту против нив на теренот. Раул ќе остане да го следи Ф4 турнирот на ТВ екраните или, пак, во Келн ќе биде само во улога на гледач.


