Лагард и Грот се најдобри во март според ЕХФ

Крајот на сезоната е се поблиску, а секој нареден натпревар е клучен за конечниот успех во сезоната. Играчите се во фокусот на вниманието повеќе од било кога, еден детал ја прави разликата помеѓу успешна и разочарувачка сезона. Традиционално, ЕХФ секој месец ги одбира најдобрите ракометари кои оставиле најдобар впечаток во Лигата на шампионите.

За месец март таа чест да ги добијат наградите за најдобри им припадна на Нике Грот од Ѓер во женска конкуренција и Роман Лагард од Нант кај момците.

Нике Грот во својата последна сезона во Ѓер игра клучна улога во успесите на тимот. Таа претходно исто така ја има добиено наградата за најдобра во месец декември во 2016 година. Грот во март имаше одлични настапи и постигна 17 гола во Лигата на шампионите. И покрај тоа таа е скромна и стои цврсто на земјата.

‚‚Не знам дали месецов бев толку добра, но чест е да се добие оваа награда. Многу сум силна од ментална гледна точка и мотивирана кон остварување на моите цели сезонава‘‘, изјави Грот.

Роман Лагард еден месец откако наполни само 22 години беше прогласен за најдобар играч во месецот. Левиот бек на Нант постигна 13 гола во два натпревари од Лигата на шампионите меѓу кои и победничкиот за пласман во четвртфиналето против Рајн Некар Левен.

‚‚Многу сум среќен што сум избран, ова е неочекувано за мене. Се враќам во полна форма по неколкуте повреди, продолжувам таму каде што застанав мианатата сезона. Играњето против мојот иден клуб беше малку посебно, но се обидов да не размислувам за тоа. Атмосферата во арената во Нант ми помогна да играм со бистра глава‘‘, објасни Лагард.

ЕХФ играч на месец – март 2019

Мажи
1.Роман Лагард (ФРА) – Нант
2.Јаник Колбахер (ГЕР) – Рајн Некар Левен
3.Мирко Алиловиќ (ХРВ) – ПИК Сегед
4.Алекс Душебаев (ШПА) – Келце
5.Енди Шмид (ШВА) – Рајн Некар Левен

Жени
1.Нике Грот (ХОЛ) – Ѓер
2.Ксениа Смитс (ГЕР) – Мец
3.Ана Сењ (РУС) – Ростов-Дон
4.Ана Грос (СЛО) – Брест
5.Стине Офтедал (НОР) – Ѓер