Репрезентацијата на Русија, во која грото од играчите се дел од шампионот Вардар, ќе настапи на Мундијалот во Германија и Данска во можеби најтешката група А. Таму се домаќинот Германија, првакот Франција, како и незгодните селекции Србија, Бразил и Кореја.
Селекторот Едуард Кокшаров не препушта ништо на случајноста, па Русите ќе тренираат и за време на новогодишните празници. За разлика од балканските репрезентации кои секогаш се слободни на 31 декември и на 1 јануари, Русите нема да имаат одмор.
Ќе имаат двојна доза тренинзи на 31 декември, додека на 1 јануари ќе одмораат само наутро, а вечерта повторно ќе бидат на тренинг.
Доцна вечерта на 31 декември, сите заедно ќе заминат на заедничка вечера, а потоа сите заедно ќе се вратат во базата во подмосковието, Новогорск, каде ќе ги продолжат подготовките пред заминувањето за Шведска и контролните натпревари со оваа селекција.


