Дибиров: Ако ја победиме Србија на стартот, тогаш се е можно…

Во руската репрезентација која се најде во најтешката група на Мундијалот во Германија и Данска, главниот збор ќе го имаат играчите од Вардар. Дибиров, Шишкарев, Калараш, Кисељов се најдоа на скратениот список на Едуард Кокшаров, а левото крило смета дека ако слават над Србија на стартот, се е можно понатаму.

„Франција е трикратен светски првак, Германија сака да го освои СП, а Бразил, Србија и Кореја се одлични тимови со амбиција да ја поминат групата. Ривалите се тешки, но ние ќе се обидеме да успееме. Верувам дека првиот меч со Србија ќе биде клучен. Сакав да играме со нив подоцна. Јас знам дека тие секогаш стартуваат одлично, а потоа се појавуваат скандали, и на крајот паѓаат. Така е во последните десетина години. Тоа ќе биде многу тежок меч. Ако победиме, целиот турнир ќе оди во позитивна насока, ако не, ќе биде многу комплицирано“, вели Дибиров.

Русија и Србија се дел од Групата А, со која вкрстува македонската репрезентација доколку обезбеди место во следната фаза.