Танкоски: На ниедна репрезентација нема да и биде лесно против Македонија

Еден од ракометарите кои ќе треба да покажат дека успешно го направиле преминот од младинска во сениорска конкуренција на претстојниот Мундијал, ќе биде левиот и среден бек на Металург, Марио Танкоски.

Тој неколку пати се наоѓаше на поширокиот список на селекторите, но сега за првпат го мина првиот филтер и ќе ги стартува подготовките.

„Па како на секој млад ракометар, така и јас очекувам да бидам на скратениот список. За тоа треба да се бориме, тука има многу поискусни ракометари и има што да научиме од нив. Очекуваме да бидеме меѓу најдобрите на Мундијалот во Германија и Данска. Плејмејкерската позиција е една меѓу најтешките во ракометот. Треба да ја организираш играта, на таа позиција има најмногу играчи на скратениот список, за селекторот да може да види кој е најподготвен да може да одигра највисоко ниво“, вели Танкоски.

Тој вели дека групата е тешка, но дека Македонија има сили да се носи со сите селекции.

Денеска сите играат ракометот во светот. Сигурно дека и Јапонија и Бахреин работат и се подготвуваат за настапот на Мундијалот, а сите ги знаеме и Исланд, Хрватска и Шпанија. Групата е тешка, но и ние сме во последните десетина години дел од големите натпреварувања и на ниедна репрезентација нема да и биде лесно против нас“, заврши Танкоски.

Македонија првиот натпревар го игра на 11 јануари против Јапонија, а потоа следуваат средбите со Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд.