Раул Гонзалес го скрати списокот од 28 на 22 ракометари, кои ќе ги стартуваат подготовките за настап на Мундијалот во Германија и Данска. Меѓу нив освен претходно најавеното изоставување на Филип Миркуловски, кој нема веќе да игра за националниот тим, отпаднаа уште петмина други ракометари.
Досега стандардното лево крило Гоце Ојлески, кој беше дел од националниот тим на последните големи натпреварувања, нема да биде во ростерот, што значи дека друштво на Дејан Манасков ќе му прави Димитар Димитриоски од Металург, кој имаше добри настапи во СЕХА и во ЛШ.
Го нема ниту пивотменот Никола Маркоски, па кружни напаѓачи ќе бидат Стојанче Стоилов и Жарко Пешевски, а нивна поддршка е Милан Лазаревски. Кога веќе го немаме Филип Миркуловски, опција плус во нападот ќе беше Немања Прибак, но неговото изоставување е старт на процесот на подмладување.
Покрај нив, отпадна и голманот Јане Цветковски, а го нема ниту бекот на Вардар, Марко Мишевски. Подготовките на националниот тим ќе почнат на 24 декември.


