Монпелје се загреа за Вуко Борозан!

Европскиот шампион Монпелје оваа сезона не е ниту сенка од минатата кога стигна до европската титула во жестока конкуренција во Лигата на шампионите. Раководството веќе ја има направено трансфер листата и се најавени многу заминувања од францускиот тим, меѓу кои и она на капитенот Мишел Гигу.

Долгогодишниот француски репрезентативец најверојатно во Ним, а покрај него најавени се заминувањата на Арно Бинго, кој ќе се врати во Трембле, на голманот Венсан Жерар кој оди во ПСЖ, а ќе си одат и Мохамед Мамду, Вид Кавтичник, Теофил Коз, како и Баптист Бонефонд.

Францускиот „Midi Libre“, објави статија во која се најавени и дел од играчите за кои се интересира се уште актуелниот европски шампион. Во прв ред, за левиот бек на Вардар – Вуко Борозан. Тој има договор со „црвено-црните“, но тоа не го спречува Монпелје да му понуди трансфер во Франција.

Најавено е доаѓањето и на бекот на Барселона, Жилберто Дуарте, а од шпанскиот тим во Монпелје би требало да се пресели и пивотменот Камил Шипжак. Десното крило кое исто така играше во Барселона, Јанис Лене, а сега е на позајмица во Екс ан Прованс, би требало да биде во следната сезона во ростерот на Монпелје.

Освен Монпелје, сериозен интерес за Борозан има и од Барселона, претходно се споменуваа и Келце и ПСЖ, но дали ќе има некаков трансфер, ќе дознаеме многу наскоро.