Дамите ги одбраа најдобрите спортистки од Македонија: Ристовска и Вардар меѓу лауреатите (ФОТО)

Со гала настан во хотелот Александар Палас, под мотото „Вечер на жени во спортот“ се одбележа изборот за најдобрите спортистки од Македонија. За прв пат во Македонија, петчлена комисија предводена од претседателот Гордана Нацева ги прогласи најдобрите женски колективи и индивидуалци во спортот од Македонија. Во организација на граѓанската организација ТАКТ од Скопје, а со поддршка од Стејт Департмент на САД, Европска комисија и амбасадата на Кралството Шведска во Република Македонија, за прв пат беа доделени оскари за најдобрите жени од спортот.

Ракометот беше застапен во три категории оваа година. Наградата за најдобар колектив ја освои актуелниот европски вицепрвак ЖРК Вардар, наградата во име на ЖРК Вардар ја прими оперативниот менаџер на клубот, Ана Стојков. Наградата за најуспешна судиска двојка им припадна на Марија Илиева и Силвана Карбеска, успешен меѓународен судиски пар. Последната „ракометна“ награда ја освои македонската репрезентативка и член на ракометниот клуб Крим од Љубљана, Сара Ристовска. Таа ја освои наградата за најдобра спортистка во колективен спорт.

За најуспешна спортистка за 2018 година беше избрана македонската интернационалка , која настапува за фудбалскиот клуб Барселона, Наташа Андонова.

Добитнички по категории:

1. Најнадежна млада спортистка – Ана Марија Георгиевска(таеквондо)
2. Најдобра спортска новинарка – Ирена Андреевска (МТВ)
3. Најдобра спортска менаџерка – Моника Гавриловска (МКФ)
4. Најдобра судиска двојка – Марија Илиева и Силвана Карбеска
5. Најдобар женски тренер – Јулијана Црвенкоска(ракомет)
6. Најдобар женски тим – ЖРК Вардар
7. Најголем придонес за родова еднаквост во спортот – Ленче Алексовска Величковска
8. Организација за позитивни општествени промени преку спорт – Специјална Олимпијада Македонија
9. Посебно признание за животно дело – Стојна Вангеловска
10. Најдобра спортистка со инвалидитет – Оливера Наковска Бикова(стрелаштво)
11. Најдобра спортистка во колективен спорт – Сара Ристовска(ракомет)
12. Најдобра спортистка во индивидуален спорт – Ангела Мојсовска(карате)
13. Најдобра спортистка за 2018та година – Наташа Андонова (фудбал-Барселона).