Драма во Франција: ПСЖ и Раул со гол во финишот славеа над Нант и Лазаров

Пред една седмица се соочија во купот на Франција, а сега во лигата. Дуелот помеѓу Нант каде настапува Кирил Лазаров и ПСЖ предводен од Раул Гонзалес заврши со победа за македонскиот селектор и неговите момци од 30:29.

Ова беше втор пораз по ред за Нант од ПСЖ откако парижаните го добија овој противник пред седум дена во четврт-финалето од купот со 34:30. Од почетокот се виде дека Нант има план да се одмазди за поразот од пред седум дена, а воедно и да се врати на првата позиција. Барем првите девет минути во кои Нант имаше предност од 7:2, покажаа нешто такво.

Ваквата предност, ПСЖ брзо успеа да ја врати, и да најави неизвесен тек на натпреварот. На полувреме се замина со 14:13 во корист на Нант. Во продолжение, драмата доби на интензитет. Првите минути од вториот дел, донесоа одново израмнета игра, а Кирил Лазаров во 44. минута имаше и шанса од пенал да го однесе својот тим на плус три, но само ја затресе стативата.

Шест минути подоцна, Уве Генсхајмер од пенал донесе предност од еден гол за ПСЖ која набрзо прерасна во три голови позитива. Овие три голови позитива траеја до 58. минута, но на сцена стапи Лазаров кој погоди за минус еден, а Николас Клер на петнаесетина секунди до крајот донесе 29:29. Но, Раул Гонзалес не би бил голем тренер кога не би знаел како да ги добива натпреварите во последните секунди. ПСЖ имаше завршен напад, а Раул на седум секунди до крајот повика тајм – аут по кој Микел Хансен погоди за големо славје во парискиот состав.

Кирил Лазаров и покрај тоа што можеше многу повеќе сепак си ја покажа својата класа и дуелот го заврши како втор стрелец во својот тим со шест постигнати голови. Валеро Ривера беше прв стрелец со седум. Кај парижаните, Микел Хансен беше убедливо најдобар со десет голови, седум погоди Уве Генсхајмер.

Со оваа победа ПСЖ, замина на првата позиција и сега има 25 поени три повеќе од второпласираниот Нант.