Селекторот на Исланд, Гудмундур Гудмундсон, го скрати поширокиот список од 28 на 20 ракометари, од кои пак ќе се бараат 16 кои ќе патуваат на Мундијалот во Германија и Данска.
Единствено од очекуваните играчи го нема ракометарот на бундеслигашот Фуксе Берлин, Бјарки Мар Елисон, но и тоа не е големо изненадување со оглед на жестоката конкуренција на лево крило.
Гудмундсон на таа позиција ќе располага со играчите на Рајн Некар Левен и ПИК Сегед, Гудјон Валур Сигурдсон и Стефан Сигурмансон.
Исланд е противник на Македонија на Мундијалот во Германија и Данска, а според многумина познавачи на ракометната игра, токму меѓу овие две селекции ќе се бара последниот патник во главната рунда, покрај Хрватска и Шпанија.



