Селекторот на шпанската репрезентација, Жорди Рибера, го скрати списокот на ракометари на кои ќе смета за стартот на подготовките за Мундијалот во Германија и Данска. Европскиот шампион е во група со Македонија, па ќе се соочиме со „фуријата“ на трето големо натпреварување по ред.
На скратениот список од 19 ракометари, немаше место за поранешниот голман на Вардар – Арпад Штербик, а изненадувачки ги нема ниту крилата на Нант – Валеро Ривера и Давид Балагер. Но, тоа не мора да значи ништо, бидејќи на ЕП во Хрватска, Штербик дојде на завршниот викенд и им помогна на соиграчите да стигнат до титулата.
Од овие 19 ракометари, 16 беа дел од ростерот на претходниот европски шампионат, додека нови играчи се голманот на Ла Риоха – Сергеј Хернандез, десното крило Алеикс Гомез, како и пивотменот на Ваљадолид, Абел Сердио.
Македонија и Шпанија ќе се соочат на 16 јануари со почеток во 20:30 часот.


