Брегар: Македонија ќе направи сè за да нè елиминира

Противник на женската ракометна репрезентација во баражот за пласман на Мундијалот во Јапонија следната година ќе биде селекцијата на Словенија, која од клупата ја предводи поранешниот тренер на Вардар, Урош Брегар.

„Ние ги избегнавме Чешка, Хрватска и Полска, кои играа на последното Европско првенство. Македонија, каде игра една од најдобрите ракометарки на Крим – Сара Ристовска, е репрезентација за секаков респект. Подобро се „запознавме“ на Медитеранските игри, каде бевме во голема неволја и мислам дека Македонија ќе направи сè за да се пласира на СП, а ние пак сакаме повторно да се пласираме на светскиот собир. Добро е што реваншот го играме пред нашите гледачи, но најважно ќе биде сите ракометарки да бидат здрави“, вели Брегар.

Првиот бараж дуел ќе се одигра во периодот од 31 мај до 2 јуни, додека реванш средбата ќе биде во периодот од 4 до 6 јуни следната година.