Селекторот на Шпанија, Жорди рибера го објави првичниот список од 28 ракометари што ќе бидат во конкуренцијата за настап во „фуријата“ на Светското првенство во Германија и Данска на почетокот на следната година.
На списокот се наоѓаат четворица ракометари што во минатите сезони беа дел од шампионската генерација на Вардар. Станува збор за Жоан Кањелас и Хорхе Македа, кои сега се членови на ПИК Сегед, голманот на Веспрем – Арпад Штербик, како и Алекс Душебаев кој сега игра за Келце.
Веројатно Штербик нема да биде на потесниот список, како што беше случај и на претходните големи натпреварувања, но доколку има потреба ќе помогне. Колку за потсетување, лани на ЕП во Хрватска дојде на завршниот викенд и беше во главна улога кога Шпанија стана европски првак.
Македонија и Шпанија ќе се сретнат на 16 јануари, а дуелот се игра во 20:30 часот. Покрај Шпанија во нашата група се Хрватска, Исланд, Јапонија и Бахреин.



