Преглед на 12-то коло во Бундеслигата

Со натпреварот меѓу Бергишер и Балинген, кој се игра вечер од 20:00, се заокружува 12-то коло во Бундеслигата. Фаворитите остварија победи, во натпревари со очекувани резултати без изненадувања. Одличниот Лемго пружи достоен отпор во Манхајм, но лидерот сепак извлече цел плен од тој натпревар остварувајќи минимална победа, во дерби дуелот од средината на табелата Хамбург  загуби на гостувањето во Гепинген, а Дарко Стнаниќ не успеа да го одбрани Битихајм од Либек и по 12 кола Битихам останува  на дното на табелата.

Во Бундес лигата се остварија следните резултати:

Рајн Некар-Лемго 35-34 – домаќинот забележа тесна победа и со новите два бода се наоѓа на лидерската позиција со 4 победи во последните 5 кола.

Минден -Фленсбург 22-31 – актуелниот шампион на Европа го држи чекорот со водечките и немаше проблеми со Минден на негов терен на кого ова му е трет пораз по ред.

Во дербито на екипи кои се борат за избегнување на местата кои водат во понизок ранг Ерланген-Вецлар 22-20. 

Бергишер-Кил 20-32 – Кил е на делба на првата позиција со РНЛ, формата им е во нагорна линија и покрај одсуството на квалитетниот Јиха, додека Бергишер продолжува со варијабилните изданија.

Битигхајм-Либек 24-32 – иако засилени со двајца искусни играчи од овие простори – Станиќ и Рок Празник, домаќините сепак беа убедливо поразени од Либек.

Гепинген-Хамбург 26-23 – уште еден пораз на екипата на Хамбург по кој тие заостануваат зад водечките РНЛ и Кил цели 8 бодови, а екипата на Гепинген е пријатно освежување во лигата и моментално се наоѓа на 3-та позиција.

Магдебург-Мелсунген 37-33 – домаќинот кој располага со една од подобрите одбрани во лигата, овојпат се одлучи за офанзивна тактика, па го испрати гостинот со 37 голови во мрежата, Мелсунген продолжува со променливите игри, особено на гостински терен.

Гумерсбах-Хановер Бургдоф 29-29-единственото реми викендов за поранешниот тим на ‘министерот за одбрана’ Борко Ристовски.

Фуксе Берлин-Фризенхајм 30-24-гостите со 5 последователни порази во лигата заедно со Битигхајм се заковани на дното со само 4 освоени бодови.