Кире непогрешлив, Нант максимално

Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кирил Лазаров продолжува со одличната форма во која игра сезонава и на новата средба постигна пет гола од пет удари, а притоа додаде и две асистенциите. Добрата игра на Лазаров придонесе за победа против Истр со 35:32.

Дуелот почна доста израмнето со прецизна игра на двете страни. Завршницата на првиот дел го донесе одвојувањето на Нант со што вице шампионот си обезбеди водство на полувреме од пет разлика, 21:16.

Оваа разлика во вториот дел Истр само на моменти успеваше да ја намали, но никако не можеше да се врати во натпреварот бидејќи гостите не го дозволија тоа и мирно ставија точка на натпреварот.

Покрај Кирил Лазаров, одличен беше и Николас Турно кој погоди деветпати, а Валеро Ривера стигна до шест гола. Кај Истр, Јуниор Тузолана постигна шест погодоци додека Томас Трико заврши со пет.

По оваа средба, Нант останува прв со максимални 14 поени, а за Истр е резервиран долниот дел на табелата бидејќи после 7. коло останува на само два поени и го чека сериозна борба за опстанок.