Иако уште нема официјално соопштување на точните саатници за Светското првенство во Германија и во Данска, според распоредот кој е направен и во моментов е актуелен Македонија и Јапонија се двете селекции кои би требало да ги отворат борбите во Олимписката сала во Минхен.
Со оглед на тоа што актуелниот европски првак ќе го добие главниот термин и своите мечеви ќе ги игра редовно на крајот од денот, Македонија ќе има само еден дуел во последниот натпревар.
Термините за старт на средбите би требало да бидат 15:30, 18:00 и 20:30 часот, па ова значи дека Македонија би имала две средби во првиот термин, две во вториот и една во последниот.
Во првите две кола кои ќе се играат на 11 и 13 јануари Македонија ќе игра против Јапонија и Бахреин и тие дуели веројатно ќе стартуваат од 15:30 часот. Потоа на 14 јануари против Хрватска ќе се игра во вториот термин од 18 часот, а истиот ќе биде и на 17 јануари против Исланд. Единствено против Шпанија на 16 јануари терминот ќе биде од 20:30 часот.
Она што е исто така познато е дека Македонија не може да игра единствено во Хјернинг и тоа до финалето. Овој град ќе биде опција само доколку Македонија дојде до шанса да биде во трка по медал.
Доколку биде освоено едно од првите три места во групата Македонија ќе се пресели во Келн. Истото важи и доколку биде освоена 4. позиција, додека во случај на 5. и 6. позиција во групата преселбата е во Копенхаген каде ќе се разигрува за пласман од 17. до 24. место.
Сепак, за ова околу градовите има доволно време, а засега е во центарот на вниманието тоа дека Македонија ќе ја отвори групата Б против Јапонија.


