Интересно 4-то коло од Лигата на шампионите кое понуди нови возбудливи моменти, атрактивен ракомет и неколку изненадувачки резултати. Но да почнеме со ред:
Група А
Во еден тврд натпревар, со многу адреналин, РК Брест Мешков-ПСЖ 28-29, иако гостите имаа предност во текот на целиот меч, домашните играчи со првото водство на натпреварот од 25-24 за малку не им ги замрсија планираните два бода на гостите од градот на светлината.
Во СЦБТ, Металург ја продолжи црната низа против Кил со 5 последователни порази од гигантот, а воедно и 4-ти овогодишен пораз во групната фаза. РК Металург-Кил 27-42, резултатот говори се (повеќе детали на овој линк).
Во третиот натпревар од оваа група, ракометарите на Ла Риоха носени на крилата на своите 2100 френетични навивачи, забележа победа против препородениот тим на Веселин Вујовиќ. Покрај минималниот пораз на загрепчани, тие ќе жалат и поради повредата на нивниот капитен Златко Хорват, скршеница на коска на десната дланка која според првичните проценки ќе го оддалечи од терените најмалку четири недели. Ла Риоха- ППД ЗАГРЕБ конечен резултат 22-21 (9-12 на полувреме). Младите играчи на хрватскиот шампион го диктираа темпото, во самата завршница влегоа со -1, но шпанците го искористија второто исклучување на Шушња, за втора победа оваа сезона. Кај домашниот тим кој имаше реализација 5 од 6 досудени пенали, се истакна репрезентативецот Рокас со 7 голови, а голманот Гомез имаше 11 интервенции. Кај поразениот тим на ППД ЗАГРЕБ, екстра талентираниот и млад голман Ивиќ имаше 13 интервенции, Павловиќ 5, Брозовиќ и Јосип Валчиќ со по 4 реализирани голови.
Група Б
Во Истанбул гостуваше актуелниот шампион Фленсбург, кој имаше сериозен противник само во првите 30 минути. Турците не можеа да се носат со темпото на бундеслигашот и очекувано загубија, Бешикташ-Фленсбург 20-27. Едно од изненадувањата оваа сезона во Лигата на шампионите тимот на Алинсас не можеше да и парира на полската екипа Висла Плок која пред своите подржувачи во преполната Орлен арена е несовладлива пречка и за многу поголеми екипи од шведскиот првак, Висла Плок-Алингсас 28-25.

Фото: www.ehfcl.com Киф Копенхаген -Барселона
Во последниот натпревар, вистинско дерби помеѓу Колдинг и Барселона кое изненадувачки за ракометна Европа, заврши 27-27 со голот на Долк од пенал на 12 секунди до крајот. Иако на полувреме отидоа со два гола предност, каталонците во второто полувреме дадоа само 11 голови. Пред 5000 публика во Брондби Хален арената, домашниот тим осигура два бода предводен од Клеверли на голот (го замени индиспонираниот Хвид), Спелерберг (7 голови) и Долк(5 голови), како и специјалистот за одбрана Јоргенсен, во вечерта во која дури осум играчи ја тресеа мрежата на квалитетниот Шариќ. Расположени кај гостите беа Карабатиќ со 6 и Кире Лазаров со 5 голови. Гостите испуштија два голови предност на 2 минути до крајот. Одсуството на Штербик (после трансферот во РК ВАРДАР), надополнето со одсуството на квалитетни натревари во АСОБАЛ лигата, полека го одалечуваат шпанскиот првак од Келн. Во многу сличен натпревар како полуфиналниот дуел со Фленсбург минатата сезона, големата Барселона немаше нерви да ја сочува предноста до крај иако ја имаше резултатската иницијатива и контрола во текот на целиот натпревар. Барселона ќе има вистински предизвик да ја одржи и темпира формата за долгата сезона и Фајнал Фор турнирот-во походот кон долго очекуваната титула во ракометната ЛШ.
Група Ц
Младите ракометари на словенечкиот шампион се поразени од екипата на Веспрем, но одличниот впечаток кој го оставија пред домашните навивачи им влева надеж дека може да се изборат за место меѓу последните 16. Неискуството дојде до израз во клучниот период на натпреварот на 10 минути пред крај, кога ракометарите на Целје имаа три шанси да го изедначат резултатот, но грешките во нападот и одличниот голман Миклер ги одалечија од можноста да ги запишат првите бодови на домашен терен, РК Цеље Пивоварна Лашко-Веспрем 21-24.
Монпеље-РК ВАРДАР 34-34, одиграа трилер натпревар, во кој Штербик го спаси Вардар од пораз во последната секунда, по скок шутот на Гребил.(детали за натпреварот на овој линк)
По почетната импресивна победа во Манхајм, против екипата на Монпелје, бундеслигашот рутинирано обезбеди нови два бода на свој терен и ја прекина низата порази која започна во Веспрем, Рајн Некар Ловен-Чеховски Медведи 34-29.
Група Д
Очекувани резултати во групата Д, еден од фаворитите за овогодинешната завршница во Келн, полскиот шампион Киелце потешко од очекувањата ги заработи двата бода на гостувањето кај францускиот шампион, Данкерк-Виве Киелце 25-28. Во Киев веќе одамна ракометот не е во преден план, и покрај желбата да се натпреварува во својот матичен град, ракометарите на Мотор оваа сезона се жртви на политиката и немирите на својата земја. Иако настапуваат во речиси идентичен состав како минатата сезона, сепак слабите резултати не влеваат надеж за враќање во игра за следната фаза од Лигата на шампионите, Мотор-Алборг 25-28.
Пред стартот на оваа евро сезона многумина сметаа дека швајцарските ракометари ќе бидат само статисти во групата Д, но со одличните настапи во изминативе четири кола тие докажаа дека лесно може да се вмешаат во борбата за третото место во групата и покрај високите порази од Киелце во првото коло и овој од унгарскиот вицепрвак, ПИК СЕГЕД-Шафхаузен 34-24.





