Ракометарката која има 232 меча во дресот на Унгарија и 1111 погодоци, Анита Горбиц после поразот од Франција во осминафиналето на Светското првенство во Германија најави дека ова ќе биде нејзиниот последен Мундијал во кариерата.
Останува отворено прашањето за настап на Европското првенство во Франција следната година, но она што е јасно дека на Мундијалот во 2019 година ќе ја нема во составот на Унгарија. Горбиц е разочарана од поразот во осминафиналето, а со оглед на тоа што веќе има 36 години не е никакво изненадување нејзиното најавување за повлекување од националниот тим.
„Посакував од ова првенство да си заминам со барем полуфинале, но не успеавме во таа мисија. Рано ги завршивме борбите, па на некој начин сум разочарана“, изјави Горбиц за унгарските медиуми.
Таа има сребрен медал од Светското првенство во 2003 година, а бронза освои две години подоцна. На ЕП стигна до бронза во 2004 и во 2012 година.


