По убедливиот пораз во четвртфиналето на Мундијалот во Алжир од силната Франција, младинската репрезентација на Македонија имаше ден одмор, за рехабилитација по загубениот дуел и за подготовка за она што ја очекува во последните два дена на африканскиот континент.
Прв противник во разигрувањето од 5 до 8 место, ќе биде селекцијата на Русија, со која веќе се соочивме во прелиминарната фаза и славевме убедливо со 29:22. Иако никој не очекуваше дека „зборнаја“ ќе стигне во четвртфиналето, сепак тие по поразот од Македонија заиграа подобро, и загубија само од Шпанија и од Данска.
Русија е повеќе од доволно анализирана бидејќи беше наш прв противник, но сигурно и тие имаат уште некој кец во ракавот и ќе се обидат да ги изненадат избраниците на Илија Темелковски. Важен детал е дека во споредба со првиот дуел, на терен нема да ги имаме Горан Крстевски и Филип Арсеновски поради повреди.
Мечот се игра со почеток во 13:30 часот, доколку победиме ќе играме за пласман на 5, доколку загубиме за 7, со победникот, односно поразениот од двобојот меѓу Унгарија и Тунис.


